Скопје мораше добро да се испоти против Јуниор КВ, но се израдува на прв триумф

По поразот од Еурофарм Пелистер, ракометарите на Скопје се израдуваа на првата победа во суперлигашката конкуренција, откако на домашен терен беа подобри од екипата на Јуниор Кисела Вода со 28-26. Во најголем дел од мечот домашите водеа, но на крајот момците на Игор Котевски успеаја да се приближат и да го направат финишот многу интересен.

На стартот се играше гол за гол, а по 4-3 за гостинската екипа следуваше една серија на Скопје, која на крајот се покажа како решавачка. Избраниците на Горан Кузманоски постигнаа шест гола по ред за водство од 9-4. Во финишот на полувремето Скопје водеше со 14-9, но упорните гости намалија на 14-11. Сепак за плус четири на паузата за домашните ракометари се погрижи Грујовски со голот за 15-11.

Веднаш на стартот на второто полувреме Скопје стигна и до највисоки плус шест, 17-11, но работата не беше завршена, иако домашните ја одржуваа предноста до средината на полувреме. По неколку одбрани на Ацевски и црвениот картон на Игор Трајковски од Скопје поради три исклучувања, Јуниор КВ успеа да намали на 22-20, кога имаше да се игра уште десетина минути.

При резултат 23-21, домашните направија грешка, но Матовиќ во брзиот напад не успеа да погоди. Казната стигна од Барјактаревиќ за 24-21, а потоа стрелаше и Јакимовски за 25-21. Гостите не се предаваа, па Симоноски и Петровски намалија на 25-23. Во последната минута се влезе со резултат 28-26, Јуниор КВ се обиде да постигне гол, но Радовановиќ одбрани, па немаше време за гостите да сторат нешто повеќе на овој натпревар.

Најдобри стрелци кај победникот беа Жарко Барјактаревиќ со шест и Леонид Киселовски со пет гола, а добар на голот беше и Никола Радовановиќ. Кај Јуниор КВ се истакнаа Дарио Симоноски со пет, како и Печенковски, Фидановски, Матовиќ и Димевски со по четири погодоци.