Скопје двапати тестираше со Одорхеи во Романија!

Екипата на Скопје, моментално, во Романија го одработува вториот дел од подготовките, во кој тимот се подготвува на технички-тактички план.

Избраниците на Горан Кузманоски одиграа два контролни дуели против Одорхеи, клуб каде што тренерот Кузманоски е клупска легенда. Поранешниот репрезентативец на Македонија во екипата на Одорхеи ги мина најубавите години во неговата играчка кариера и во романскиот клуб се афирмираше како вистински лидер.

На двата натпревари, романскиот тим забележа победа со 31:19 и 32:25. Сепак, за македонскиот суперлигаш резултатот беше во втор план, со оглед на тоа дека тимот претрпе неколку измени во однос на претходната сезона, па пријателските дуели во Романија ќе бидат шанса за воигрување на екипата и проверување на формата на новите засилувања.

Екипата на Скопје останува во Романија каде ќе настапи на силен турнир во Темишвар. Покрај домаќинот Политехника Темишвар, ќе играат српскиот тим Металопластика Шабац и романската Потаиса Турда.

По враќањето во Македонија, Скопје и Кузманоски ги очекува настапот на меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“ во Прилеп, каде ќе ги имаат последните проверки пред стартот на Суперлигата.

Скопје во Суперлигата ќе игра во групата Б заедно со Еурофарм Пелистер, Еурофарм Пелистер 2, Тиквеш, Пролет, Радовиш, Голден Арт и Јуниор Кисела Вода. Најдобрите четири екипи од секоја група ќе обезбедат пласман во плеј-оф фазата во Суперлигата.