Ракометарите на Пролет ја остварија втората победа во Суперлигата, откако славеа на гостувањето кај новиот член на елитата, Скопје, со 29-33. Гостите го скршија отпорот на жилавиот ривал во вториот дел и се израдуваа на нови бодови по оние во Автокоманда.
Домашните отворија одлично. По 4-4 набрзина се одлепија на плус четири, 8-4 и најавија жестока битка за бодовите на овој дуел. Беше и 12-8, но искусниот тим на Пролет полека ја топеше негативата.
По 13-10, гостите стигнаа до 13-13, а за првпат во мечот поведе во последната минута од првото полувреме со голот на Пецаковски за 15-16. На пауза беше 16-17 за избраниците на Андон Бошковски.
Во вториот дел продолжи играта гол за гол до 22-22, а при 22-23, голманот на домашните Петковски одбрани и пенал. Сепак неговите соиграчи не реализираа во нападот, грешките беа казнети и Пролет беше на плус пет 26-31.
Момците на Симе Симовски се трудеа да ја намалат негативата, стигнаа до минус три преку Василевски, 28-31, но немаше време за нешто повеќе и Пролет се радуваше на победата, 29-33.