Македонскиот вицепрвак Еурофарм Пелистер прокнижи нови бодови во македонската Суперлига откако пред домашна публика го совлада Пролет со резултат 32-26(19-14).
Пролет во есенскиот дел во Скопје одигра еден неизвесен натпревар против македонскиот вицепрвак, кој го доби Еурофарм Пелистер со минимални 23-24. Еурофарм Пелистер пред два дена се раздели од тренерот Ларс Валтер, а сепак имаше полесна задача против скопскиот суперлигаш кој на полусезоната распродаде половина ракометари од првиот тим и остана без амбиции за повисок пласман во домашниот шампионат.
Уште на самиот почеток Еурофарм Пелистер предводен од помошникот на Валтер, Божидар Мојсов, создаде предност од три голови, која ја надоградуваше до највисоки „плус шест“ во средина на првиот дел. Гостинската екипа успеа да намали половина од високата разлика во последниот дел од првото полувреме, сепак Еурофарм Пелистер со головите на Цветан Кузмановски се врати на пет разлика, која остана и по првите триесет минути (19-14).
На почетокот на вториот дел Пролет дојде до „минус два“, а разликата од два или три голови се задржа низ средината на второто полувреме. Пролет имаше можност да дојде и до минимална негатива, но неискористените шанси, Еурофарм Пелистер знаеше како да ги казни. Затоа на средина на вторите триесет минути разлика меѓу двете екипи беше четири голови, 24-20.
Иако во финишот на натпреварот Пролет имаше свои шанси да ја направи завршницата неизвесна, сепак среќата, квалитетот и стамината беа на страна на битолчани, кои во 58. минута ја запишаа највисоката разлика од седум голови (30-23). До крајот на натпреварот Пролет намали гол од високата негатива за конечна победа на Еурофарм Пелистер од 32-26.
Најпрецизен во составот на Еурофарм Пелистер беше Ненад Костески со 7 голови, Петар Атанасиевиќ и Каспер Кисум постигнаа по 5, додека Цветан Кузмановски запиша 4 голови зад своето име. Кај Пролет Ласко Андоновски постигна 8 погодоци, го следеше Александар Василевски со 6.
Во следното коло Еурофарм Пелистер го игра првиот од двата клучни натпревар за освојување на титулата во македонското првенство против актуелниот шампион Вардар.