Составите на Норвешка и Шведска го одиграа дербито на денот на Светското првенство за жени во Шпанија, а после интересни и неизвесни 60 минути скандинавските репрезентации одиграа без победник 30:30.
Првото полувреме беше максимално израмнето, најчесто се играше гол за гол, а во завршните моменти Норвешка создаде предност од два гола и водеше со 14:12 на полувреме. Во текот на вториот дел Норвешка најчесто беше во предност, но најмногу со три гола. Сепак, до крајот Шведска успеа да стигне до нерешено и добра позиција пред одигрувањето на последното коло.
Најефикасна во репрезентацијата на Норвешка беше Вероника Кристијансен со седум гола, а Кари Брастет постигна пет погодоци. Во составот на Шведска, Јамина Робертс беше најефикасна со шест погодоци.
Репрезентацијата на Полска ја оствари првата победа во главната фаза откако ја совлада Словенија со 27:26. Полска добро започна и го имаше почетното водство, а во последната третина од првиот дел Словенија направи пресврт и на паузата водеше 13:12.
Уште на почетокот на второто полувреме Полска го презема водството и со сочува до крај за конечен триумф. Ана Грос беше најефикасна со осум гола, а четири постигна Аља Варагиќ. Во тимот на Полска со шест гола Дагмара Ноцун беше прв стрелец, додека Кинга Ахрук погоди четирипати.