СКАНДАЛ НА ЕП: Шведски репрезентативци излегле без дозвола во град и пиеле алкохол!

На 14 јануари селекцијата на Шведска славеше над Полска со 28-26 во третото коло од групната фаза на Европското првенство и влезе во главната рунда.

Шведските медиуми пред стартот на првиот меч од оваа фаза се полни со информации за скандалот што го предизвикаа Џим Готфридсон, Андреас Нилсон, Ким Екдал ду Риц и Лукас Нилсон.

Четворицата ракометари излегле во град без дозвола на стручниот штаб и пиеле алкохол во еден паб во Гетеборг.

„Точно е. Но ние го решивме проблемот и играчите се извинија пред сите други, а ние сакаме да се извиниме за овој непријатен настан пред навивачите. Тоа е недозволиво. Ние сме должни да бидеме пример за сите други“, изјави генералнииот секретар на Шведската ракометна федерација, Роберт Ведберг.

Денеска Швеѓаните ќе се соочат со репрезентацијата на Португалија во првото коло од главната рунда во Малме.