Германскиот портал „Ruhrnnachrichten.de“ ги открива детали околу скандалот што го тресе поранешниот првак Борусија Дортмунд.
Пред неколку недели двете германски репрезентативки, Миа Чоке и Амели Бергер, побараа раскин на договорот со тимот од Дортмунд.
Покрај во клубот, тие се обратиле во независен центар кој се занимава со решавање на проблеми со насилство и злоупотреба во професионалниот спорт.
Нивното незадоволство, како што се покажа подоцна, било поврзано со однесувањето на главниот тренер Андре Фур. Тој во текот на вчерашниот ден доби отказ, а двете ракометарки добија раскин на договорите.
Причината за нивното барање било психичкото насилство од страна на тренерот. Повеќе од 20 ракометарки веќе имале исти обвиненија против Андре Фур.
Голем дел од германските ракометари и ракометарки им изразија поддршка на Чоке и Бергер на социјалните мрежи за нивното решение да го прекинат хоророт низ кои минувале последниот период.