Репрезентацијата на Словенија одигра само реми, 25-25 со домаќинот Египет и не успеа да се пласира во четвртфиналето на Мундијалот.
Десниот бек Јуре Доленец, имаше многу забелешки на организацијата на СП и откри дека голем дел од играчите имале труење пред решавачкиот дуел со Египет.
„Би кажал многу работи, но знам дека не можам, па затоа само ќе се гризнам за јазик. Дадовме се од себе, но не уништија нашите и туѓите глупости. Половина екипа ни беше во тоалет на денот на натпреварот, а и пред натпреварот. Тројца не можеа да играат, а цело време некој повраќаше“, изјави Доленец.
Словенечката федерација исто така се огласи со соопштение по повод случувањата во Египет. Генералниот секретар Горан Цвијиќ откри дека дури 12 ракометари имале проблеми.
„Дури 12 од нашите играчи имаа големи проблеми вечерта пред дуелот со Египет и јасно е дека тоа не е „вирус“. Момците вриштеа од болка и голем дел од времето беа во тоалетите. Згора на се, Гајиќ и Скубе не можеа да бидат во ростерот, а Благотиншек колабираше во соблекувалната и мораше да се врати назад во хотелот“, се вели во соопштението.