Ситници (не)битни…

Џаро го заокружи скопското СП (У19) со уште една 13-ка.

1.Изненадувањата од кадетското СП

Приказната за кадетското Светско првенство на кое Македонија летово беше домаќин, деновиве неочекувано доби уште едно помалку скандалозно продолжение. Контроверзниот менаџер Велибор Џаровски во интервју за српските медиуми откри дека во обложувалница „зел“ нешто „ситно“ – 13.000 евра на еден наместен натпревар на СП за ракометари до 19 години! На тоа Џаро појасни и дека после тенисот и кошарката, во ракометот е најлесно да се намести натпревар бидејќи „медиумите не креваат толку прашина кога ќе се случи некое изненадување“. А, што е за право, имаше неколку изненадувања и на овој Мундијал…и немаше многу прашина.

Ало по ало изјавата на Џаровски беше пренесена во многу медиуми во регионот. Стигна и до Русија. И колку и да е Џаро и ова интервју во шоу-бизнизот, сепак, едно вакво јавно признание е сериозен аларм и сигурно ќе биде „материјал“ за истрага и од надлежните во ИХФ.

И, така по 13.место за Македонија, реално или разочарувачко, сеедно, добивме уште една 13-ка на овој кадетски скопски Мундијал.

2.„Бундес зицер“

И да не биде се баш така баксузно со ова „тредичиве“ летово, случајно, фатив и една среќна 13-ка. Му се посреќи на нашиот репрезентативен голман Мартин Томовски во неговиот прв настап во Бундеслигата.

Томовски под „патронат“ на својот поискусен колега Борко Ристовски, летово се пресели од Металург во Лудвигсхафен и буквално, „на прва“ ја освои публиката. Македонскиот репрезентативец, својата прва сезона во Бундес лигата ја отвори со „зицер“ и тоа ни помалку ни повеќе, против  Уве Генсхајмер и Рајн Некар Левен.

Инаку, резултатот беше 13-13 кога Томовски го сопре Генсхајмер и ја крена публиката на нозе. Не 13-ките, туку „зицерот“ на Томовски е битнот момент за добар почеток на Бундес лигата која сезонава сигурно ќе биде многу повеќе во фокусот на македонската ракометна јавност поради побројната македонска колонија. Впрочем, сезонава прв пат ќе имаме повеќе репрезентативци во Германија отколку во Романија. Нека е и „на ситно“ сепак е промена на подобро, тоа сигурно.

3.Плати па врати

Да не беше интервјуто во „Ало“, кадетското СП досега сигурно веќе ќе беше и заборавено како уште еден “успешен ракометен настан на кој бевме домаќини и остваривме пласман во рамките на нашите можности“. И толку. Интересот на јавноста веќе е свртен на клупските збиднувања, на новите проекции и прегрупирања.

Вардар за некој ден ќе го има првиот шампионски предизвик на престижниот и финансиски најпривлечен „Супер Глоуб“ кој по девет последователни изданија во Доха, годинава за прв пат ќе се одигра во Саудиска Арабија. Откако супериорно го освоија Требиње и контролно пријателски си поиграа со Еурофарм и со АЕК, противници од калибарот на Кил и на Барселона ќе бидат првиот посериозен тест за „црвено-црните“ и за новиот шеф на клупата, Давид Писонеро. Хендикеп за вардарци може да биде некомплетниот состав без капитенот Стоилов и новото бразилско засилување Толедо кои се повредени, но и без повратникот Калараш кој има административни пречки за настап. Битно, навивачите еуфорично му се израдуваа на враќањето на рускиот пикер и „победата“ на Вардар во спорот со Мотор. Ако воопшто и може да се нарече „победа“ кога прво го пушташ играчот да си оди, па после платиш за да го вратиш.

Од Вардар, вообичаено, не излегуваат многу суми на виделина, па не излезе официјално ни обесштетувањето што го доби Мотор за да им го пушти Калараш, освен нешто „ситно“ во проценти по руските медиуми. Како и да е Калараш се врати, а навивачите и честитаа на управата за успешно завршената работа. Оние најверните, се разбира, што пред неколку месеци собираа „евро за спас“, ви текнува сигурно.

Ситници небитни…

 


КОЛУМНАТА „СЕДМЕРЕЦ“ ГИ ИЗРАЗУВА СТАВОВИТЕ НА АВТОРОТ И ИСТИТЕ НЕ ГИ ОДРАЗУВААТ МИСЛЕЊЕТО И СТАВОВИТЕ НА РЕДАКЦИЈАТА НА 24РАКОМЕТ.