Хрватска беше поразена од Шпанија со 29-27 во натпревар од главната рунда и ги загуби малите шанси за четвртфинале.
Селекторот Ненад Шоштариќ си ја отвори душата во изјавата по натпреварот и ги потврди тие работи што се јавна тајна во Хрватска.
„Не донесовме поголем број ракометарки затоа што сојузот нема пари. Затоа дојдовме во Шпанија со 16 ракометарки, а не со 20. Знаете ли колку чини престојот на една ракометарка – 7.000 евра, а тоа се уште 28.000 евра. Не можевме да дојдеме со 20 ракометарки, таква ни е ситуацијата во државата. Ракометарките примија само една третина од премијата што беше ветена лани. Луѓето не сфаќаат со што ние се бориме, со какви земји, со какви ресурси. Цело време се зборува за аматерски спорт. Но сликата за Хрватска ја носат врвниот спорт и репрезентацијата, а не аматери! Ако сакаме нешто, мора да вложиме. А можеме и да бидеме аматери. И после се чудиме кога нема да успееме. Еден романски клуб од средината на табелата кај жените има поголем буџет од нашиот првак Загреб. Сиромашни против богати, тоа сме ние. Во таква позиција е хрватскиот спорт. Ова не е само апел на ракометот, ова е апел за спортот“, изјави Шоштариќ по мечот за РТЛ.
За Хрватска останува да го одигра уште натпреварот против Австрија, што нема да има резултатско значење ниту за една од двете селекции.