Левиот бек на Мотор Запорожје, Игор Турченко, кој има 22 години и ѐ син на некогашниот македонски репрезентативец Сергеј Турченко, ја игра најдобрата сезона во својата кариера.
Иако украинскиот шампион не забележа добри резултати во првиот дел од сезоната во Лига на Европа, сепак, младиот Турченко претставува опасност за сите ривали во второто по ранг европско натпреварување.
По шест одиграни кола во Лига на Европа, Турченко ја предводи листата на стрелци со 45 постигнати погодоци и има фантастична реализација од 70%. Според статистиката ракометарот на Мотор Запорожје во првиот дел од сезоната во Лига на Европа постигнувал по 7,5 гола по натпревар.
Македонската публика квалитетите на Турченко ќе може да ги види на 28 февруари кога Мотор Запорожје ќе му гостува на Еурофарм Пелистер во рамки од последното коло во споменатото натпреварување.
Игор е роден во Киев, но дел од своето детство мина и во Македонија, односно во Богданци, каде десетина сезони до 2005 година играше неговиот татко Сергеј.
На второто место на листата на стрелци се наоѓа ракометарот на Валур, Арнор Оскарсон со 43 погодоци, додека на 3. позиција е репрезентативецот на Црна Гора и актуелен член на Фуксе Берлин, Милош Вујовиќ, кој во досегашниот тек од сезоната постигна 41 гол.
Ракометарот на Еурофарм Пелистер, Себастијан Хенеберг со 36 погодоци се најде на 11. позиција на листата на стрелци и има одлична шанса да направи исчекор и да биде меѓу најдобрите десет стрелци во ЛЕ.