Кадетската екипа на Бутел Скопје ќе се бори за титулата откако славеше во полуфиналето на завршниот турнир против домаќинот Охрид со 33-24.
Избраниците на Дарко Јанев уште од стартот најавија дека се дојдени по триумф и во првото полувреме стигнаа до предност од три гола, 14-11, а во вториот дел голманот Наум Симјановски блескаше меѓу стативите и комплетно беше скршен отпорот на противникот.
Најдобри стрелци кај победникот со по осум погодоци беа Филип Насевски и Петар Цветковски, додека кај Охрид се истакнаа Славчо Шулески со седум и Никола Ристески со шест гола.
За титулата, Бутел Скопје ќе се бори со победникот од дуелот меѓу Алкалоид и Пролет вечерва во финалето од 20:00 часот, додека Охрид ќе игра со поразениот од овој двобој во меч за трето место од 17:30 часот.