Ракометарите на Јуниор Кисела Вода продолжуваат со одличните игри во групата Б во Првата лига. На гостувањето кај Кичево во 16. коло Јуниор КВ славеше лесна и убедлива победа од 25:41.
Со овој триумф тимот од Кисела Вода се зацврсти на третата позиција зад водечките Голден Арт и Алкалоид. Уште на стартот гостинскиот тим играше во многу силно темпо, беше 1:4, а потоа и 2:8 со што го најави триумфот во почетната фаза.
Кичево немаше сили за поголем отпор, постојано имаше негатива и до крај на првиот дел беше на чекор до пораз. Јуниор КВ после 30 минути игра водеше со двоцифрена разлика 8:18 која беше сосема доволна во продолжението за конечен триумф.
Во второто полувреме Јуниор КВ продолжи да го полни противничкиот гол за многу убедлив триумф. Прв стрелец со 15 гола во победничкиот тим беше Дарио Симоноски, а Стефан Крстески постигна осум гола. Во тимот на Кичево по шест гола постигнаа Тасески и Мирчески.