Ракометарите на Јуниор Кисела Вода ја продолжуваат победничката серија во Првата лига, откако славеа на гостински терен кај Аеродром со 26-31.
Иако според резултатот навидум лесна победа, сепак избраниците на Игор Котевски мораа добро да се испотат за да ги освојат бодовите. Домаќините во првиот дел диктираа темпо, имаа предност во повеќе наврати и од три погодоци, а на пауза беше 16-14.
По 18-16 на стартот на второто полувреме, Јуниор КВ преку Симоноски стигна до 18-18, а потоа и првпат поведе со 18-19. Се играше гол за гол во продолжение, имаше грешки на двете страни и дури осум израмувања на резултатот.
По 25-25 се случи клучната серија на Јуниор КВ. Николов и на два пати Симоноски стрелаа во домашната мрежа за 25-28, домашните имаа шанса да намалат на минус еден во продолжение, но одличен на голот на гостите беше Виларов.
До крајот искусните ракометари на Јуниор КВ, рутински ја доработија задачата во последните неколку минути за конечен триумф со 26-31.
Најдобар стрелец во победничкиот тим беше Дарио Симоноски со 11 гола, шест постигна Игор Илиевски, а четири пати погоди Горан Печенковски. Во составот на Аеродром се истакнаа Давид Олтовски со осум и Иван Митревски со седум гола.