Симоне: Македонија е на исто ниво со нас

Македонската машка ракометна репрезентација во петок го започнува својот пат на Светското првенство во Полска и Шведска. „Црвено-жолтите” се наоѓаат во групата Ф чиј домаќин ќе биде полскиот град Краков, а за противници ќе ги имаат големата Норвешка, Холандија и секогаш незгодната Аргентина.

Една од главните алки во играта на „гаучосите“ е секако капитенот Диего Симоне. Ракометарот на Монпелје има комплетна слобода во играта на Аргентина и доколку е расположен за игра неговата репрезентација може до позитивен резултат. Аргентинскиот ракометен Моцарт смета дека Норвешка е апсолутен фаворит во групата, додека во натпреварите против Холандија и Македонија гаучосите имаат шанси само доколку одиграат на ниво.

Се наоѓаме во група во која Норвешка е фаворит, а против Холандија и Македонија можеме да победиме ако одиграме на ниво, или да изгубиме доколку не биде така. Во нашата група нема лесен противник против кој предвреме можете да си запишете победа. Со пораз  од некој од овие противници дури можеме и да бидеме елиминирани.- вели Симонет.

Аргентинците ќе дадат се од себе да стартуваат со победа против Холандија.

Мора да размислуваме само на тоа како да ја победиме Холандија во првиот натпревар на СП. Мораме да дадеме се од себе на тој натпревар, Холандија игра на високо ниво на чело со својот најдобар ракометар Лук Стеинс. Норвешка е секогаш одлична, а Македонија е рамноправна со нас.- изјави најдобриот аргентински ракометар за аргентинските медиуми.

Македонија ќе игра против Аргентина во последното коло од групната фаза на 17 јануари од 18:00 часот.