Македонскиот шампион Ѓорче Петров не успеа вторпат во серија да го освои трофејот на „Ѓорче Куп“, откако во финалето загуби од српскиот Бекамент Буковичка Бања со 31-23.
Тренерот Симе Симовски вели дека шесте промашени седмерци од вкупно осум се најголемата причина за убедливиот пораз на крај.
„Промашивме многу пенали, на крајот поради тоа се зголеми и разликата. Бекамент игра многу брзо. На почетокот успеавме да ги спречиме, но им поминуваа акциите во одредени моменти од натпреварот. Имавме осцилации во нападот, ќе треба да ги елиминираме за во иднина“, вели Симовски.
Составот на Ѓорче Петров е променет во однос на минатата сезона.
„Дел од ракометарките што имаа обврски со националниот тим, многу кратко време се со нас. Сите ќе имаат минутажа и шанса за настап. Дукоска има само неколку тренинзи одработено со нас. Подмладени сме многу, но гледаме на подолги патеки и потребно ќе биде време за воигрување. Ако лани освоивме титула, сега ќе се стремиме да ја одбраниме и да се прикажеме во уште подобро светло“, продолжи Симовски.
Ѓорче Петров ќе се соочи со исландскиот КА Пор во Европскиот Куп.
„Имаме некои видеа од нивните натпревари минатата сезона во Европскиот Куп. Како и Ѓорче Петров, така и тие имаат и промени во играчкиот кадар, па ќе видиме што ќе се случи на тие два натпревари“, заврши Симовски.
Следниот викенд Ѓорче Петров ќе ја пополни празнината пред стартот на Женската лига со уште два пријателски натпревари.