Екипата на Тиквеш ја оствари првата победа во новата натпреварувачка сезона во домашниот шампионат, откако пред својата публика во Кавадарци триумфираше против составот на Радовиш, со резултат 32:25 (16:14), во натпревар од второто коло од групата Б. Тиквеш во првото коло беше поразен од Еурофарм Пелистер, додека Радовиш одигра реми против Јуниор КВ.
Натпреварот во Кавадарци го отвори кружниот напаѓач Никола Стефановиќ за водство на домашниот тим од 1:0. По нерешениот резултат од 2:2, гостите од Радовиш го презедоа водството, поведоа со 3:2, имаа и водство од 4:3, но екипата на Тиквеш со серија од 3:0, која беше дело на Стефановиќ и Симиќ, се врати во натпреварот и се одлепи на два гола разлика, 6:4. Избраниците на Љупче Мијалов не се предаваа и во 10 минута со погодоците на Постолов и Ѓорѓиев го израмнија резултатот на 6:6.
Следуваше период, во кој Тиквеш успеа на кратко да воспостави резултатска контрола, а екипата на Радовиш преку расположениот Постолов сѐ уште беше во игра за освојување на бодовите. По нерешените 7:7, Тиквеш се одлепи на 10:7, а гостите со одлична серија од 4:0 повторно направија пресврт, поведоа со 11:10. Тиквеш до крајот на првото полувреме беше за нијанса подобар и на пауза замина со минимална предност од два гола разлика, 16:14.
Домаќинот за неколку минути игра во вториот дел успеа да се одлепи на четири гола позитива, 18:14. Во тој момент беше скршен отпорот на Радовиш, кој до крајот на натпреварот не успеа да се врати во игра и немаше никакви шанси за евентуален пресврт. Како што одминуваше времето, така екипата на Тиквеш го зголемуваше водството, кое во последниот период најчесто беше шест-седум гола разлика.
Предводник во победата на Тиквеш беше средниот бек Страхиња Симиќ, кој натпреварот го заврши со осум постигнати погодоци. По шест гола во победничката екипа постигнаа Никола Стефановиќ и Димитар Коцев. Во поразениот табор најефикасен беше Здравко Постолов со осум гола.