Сигурна победа на Металург РА на гостувањето кај Преспа

Ракометарите на Преспа не успеаа со десет играчи да направат изненадување, па на домашен терен беа поразени од Металург во Плеј-Аутот од Првата лига со 25:35. Со овој триумф Металург се изедначи на табелата на второто место со Македонија Ѓорче Петров со по 25 бодови, Преспа ќе остане на шестата позиција со овоени 12 бодови.

Михаил Тасевски го отвори натпреварот со водство за Преспа, но тоа и следното водство од 2:1 беа единствените во целиот натпревар за домаќините. Натпреварот освен во тие почетните минути течеше во доминација на гостинскиот состав. Кон средината на првиот дел Преспа имаше изедначување на 9:9, но сепак до крајот Металург го подигна нивото на игра и на пауза замина со солидна предност од шест гола (12:18).

Од самиот старт на второто полувреме Металург започна да ја зголемува разликата, па набрзо таа беше и двоцифрена (17:27). Уште во тие први десетина минтуи од вториот дел стана јасно каде одат бодовите, а Металург на крајот и забележа триумф со таа предност од десет разлика.

Најефикасен кај Преспа беше Били Мишевски со девет гола, а Божиновски Андреј постигна еден помалку. Александар Петковски со 11 постигнати гола беше предвникот на Металург.