На српскиот интернационалец кој го нападнал својот соиграч веројатно ќе биде суспендиран и ќе му биде раскинат договорот. Од клубот засега молк за инцидентот, иако тепачката се најде во билтенот на МВР.
Ретко се случува играчи од ист тим да се степаат по завршување на меч, но тоа бил епилогот од несогласувањето на Горан Печенковски и Никола Митровиќ, дел од суперлигашката екипа на Јуниор Кисела Вода по завршување на натпреварот со Еурофарм Пелистер 2. Битолчани во саботата победија со 33-28, а со поразот тимот од Скопје остана закован на дното од Супер лигата со само еден бод и е сериозен кандидат за испаѓање од најквалитетната лига.
Подебелиот крај од тепачката го извлекол Печенковски, и морал да добие и лекарска помош. Тепањето се случило пред дел од играчите и во соблекувалната веднаш по завршувањето на средбата. Инцидентот не е забележан во записникот од натпреварот од страна на делегатот.
Дека имало физички напад во соблекувалната на салата во ООУ „Круме Кепески“ се потврдува и во билтенот на МВР.
„Во Кисела Вода, Г.П.(34) од Битола пријавил дека околу 20,40 часот, по завршување на спортски натпревар, во соблекувалната во спортска сала на подрачје на Кисела Вода, бил физички нападнат од неговиот соиграч Н.М.(29) од Р.Србија. Од МВР велат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот, се вели со соопштениетот од МВР.
Од суперлигашкиот клуб од Скопје засега молчат за инцидентот иако 24ракомет речиси цел ден се обидуваше да добие официјален став од клубот. Никој не одговараше на нашите повици и пораки.
Според информациите до кои дојде 24ракомет, нетрпението меѓу двата играчи било видливо уште за време на натпреварот. По завршување на мечот Митровиќ влегол во соблекувалната и одзади физички го нападнал соиграчот Горан Печенковски. Овој добил неколку директни удари во главата по што паднал на подот. Некои од соиграчите се обиделе да го спречат Митровиќ во намерата да упати повеќе идари, но и тие биле немоќни.
Веднаш по нападот Митровиќ заминал од салата, а Печенковски ги информирал во клубот за инцидентот и била повикала полиција кој го нотирала инцидентот и разговарала со сведоците.
Сега клубот останува да реагира и да потврди дали имало навистина тепање, и каков е нивниот став. Повеќе од веројатно е дека ќе му биде прекинат договорот на српскиот интернационалец, а конечната разврска ќе има и судска завршница. Доколку инцидентот бил нотиран и во официјалниот записник на мечот тогаш виновникот можел да добие и дополнителна казна според Дисциплинскиот правилник.
На денешниот утрински тренинг не присуствувал Митровиќ кој според извори од клубот веќе не е дел од нивниот спортски колектив.