Се случи и тоа чудо – ПИК Сегед победи во ЛШ!

Тимот на ПИК Сегед ја оствари првата победа во новата сезона од Лигата на шампионите, дури во петтиот обид, откако на домашен терен славеше против норвешкиот Елверум со седум гола разлика, 30-23.

Унгарскиот шампион мотивиран да дојде до првите бодови во најквалитетното европско натпреварување имаше посакуван старт. ПИК Сегед со погодоците на Роста и на Бомбач поведе со 3:0 во воведниот дел, но немаше голема комоција во играта во првите десетина минути и не можеше грешките на гостите од Норвешка да ги претвори во поголема резултатска предност.

По водството на домаќинот од 4:1, гостите од Норвешка со два гола во низа намалија на 4:3, парираа колку што можеа, но десетина минути заостануваа на два до три гола негатива. Домаќините кон средината на првото полувреме дојдоа до највисокото водство од плус четири гола разлика, 9:5, потоа имаа и 10:6, а најзаслужен за позитивниот резултат на ПИК Сегед беше Тонесен кој во првите 15 минути постигна четири од 9-те погодоци на домашниот тим.

Како одминуваше времето, избраниците на Хуан Карлос Пастор беа сѐ повеќе сигурни и веќе во последните десет минути од првиот дел беа целосно доминантни на теренот. Откако Елверум намали на 10:7, домаќините со серија од 4:0 се одлепија на 14:7, рутински го одработија финишот од првите 30 минути и на пауза заминаа со предност од плус шест, 16:10.

Вториот дел беше само рутинско одработување на задачата на избраниците на Хуан Карлос Пастор, кои имаа и плус десет гола предност во еден момент, но до крајот норвешкиот првак успеа да ја намали. Најдобри стрелци во ПИК Сегед беа Роста и Тонесен со по девет гола, додека голманот Алиловиќ собра 14 одбрани. Кај Елверум се истакна Бломгрен со четири гола.