Интернационалната ракометна федерација деновиве е во центарот на вниманието откако првиот човек на судиите, Рамон Гаљего поднесе оставка.
Причината поради која се одлучи за ова е несогласувањето со Претседателот на ИХФ, д-р Хасан Мустафа така што дефинитивно ќе има уште бранувања. Гаљего се одлучи преку медиумите да обелодени сè што се случувало.
„Причината за моето заминување е сериозното несогласување со претседателот на ИФХ, кој се меша во назначувањето на судии на натпреварите. Мустафа ја доведува во прашање непристраснота на скандинавските судии на натпреварите на кои играат тимовите од северниот дел на Европа“, стои во писмото кое го има испратено Гаљего.
Според она што е забележано, Мустафа се лутел кога судии од Данска требало да судат на репрезентацијата на Норвешка.
„Првиот пат кога претседателот ми рече за ова беше натпреварот меѓу Шведска и Египет на Светското првенство во Египет. Тогаш домаќините на турнирот (сонародниците на Мустафа) загубија во главната рунда. На тој натпрвар судеа судии од Норвешка“.
Во писмото стои дека Мустафа бил незадоволен од работата на судиите на натпреварот од квалификациите за Олимписките игри меѓу Норвешка и Романија (жени), кој го суделе Лине Хеселдал и Карина Кристијансен од Данска.
„Со мене се однесувате како дете. Не ја почитувате мојата 40-годишна историја во ИХФ“, му напиша Гаљего на претседателот на Интернационалната ракометна федерација, Хасан Мустафа.
После овие изјави и упатени писма до медиумите дефинитивно е јасно дека доаѓа до разделба и дека ИХФ наскоро ќе добие нов лидер на судиите.