Голманката Олга Колесник, која покрај руското, зема и македонско државјанство, пет сезони од својата кариера мина во Кометал Ѓорче Петров.
Таа потекнува од рускиот Ростов, а првите ракометни чекори ги направи во школата „Старт“, како и многу други познати ракометарки. Најпрво беше дел од вториот тим на Ростов, кој тогаш се викаше Ростелмаш, од 1991 до 1994 година, потоа играше за првиот тим 1994-1997, 1997-2002, а во меѓувреме бранеше и за Источник Ростов.
Прв и последен интернационален предизвик во кариерата на Колесник и беше Кометал Ѓорче Петров, со кој успеа да стигне до финалето од Лигата на шампионите.
Таа дојде во Кометал ЃП веднаш по освојувањето на титулата и имаше тешка задача да ја замени Луминица Дину. Сепак остави одличен впечаток, па раководството на тогашниот РСМ реши да и понуди македонско државјанство и настап за националниот тим.
Со женската репрезентација на Македонија настапи на три големи натпреварувања, СП 2005 и СП 2007, како и на ЕП 2006 година. Со Ростов има титула од руското првенство во 1998 година, а има пет двојни круни од македонското првенство.
По заминувањето од Кометал ЃП и од Македонија, таа се врати во Ростов Дон, одигра уште две сезони на ракометните терени и потоа стави крај на својата кариера на само 32 години. Остана да живее во татковината, но не работи во ракометот.