Една од најзаслужните ракометарки што тимот на Кометал Ѓорче Петров стигна до првата и единствена титула во својата историја е романската голманка Луминица Дину.
Таа е родена пред 48 години во Пјатра Неамт, а кариерата ја почна во тимот на Савинести. Од 1998 до 2000 година игра за Олчим Валчеа, пред да го има првиот интернационален предизвик со тимот на Крим, со кој се искачи на европскиот ракометен врв. Во Словенија помина вкупно пет сезони, а во втората сезона од престојот во Љубљана, на три месеци беше позајмена на Кометал Ѓорче Петров.
На почетокот на март 2002 година, македонскиот тим побара три ракометарки на позајмица од тогаш елиминираниот Крим од ЛШ – Маја Митровиќ, Агњешка Матушевска и Луминица Дину. Кометал имаше зголемени амбиции пред четвртфртфиналето со шпанскиот Феробус Мислата, а од посакуваните засилувања, во Скопје на три месеци се пресели само Дину.
Гордана Нацева беше првиот голман на четвртфиналните дуели со шпанскиот тим, додека против Ларвик и Херц во полуфиналето и финалето, главната улога ја имаше Дину. По враќањето во Крим, таму помина уште три години, пред да замине во Валчеа каде ги одигра последните три сезони од кариерата од 2006 до 2009 година, иако на кратко се врати на терените во 2012 во истиот клуб.
Дину беше избрана за најдобра голманка во историјата на ракометот според гласовите на фановите (94%) во 2011 година, во гласањето кое го организираше ИХФ. Покрај многубројните титули на клупски и репрезентативен план, таа има уште две признанија како заслужен граѓанин на Валчеа и Пјатра Неамт. Работеше и како тренер на голманите во женската репрезентација на Романија, a во моментов работи како тренер на голманите во Националниот Олимписки Центар во Валчеа.
Романската интернационалка последен пат беше во Скопје во 2017 година на повик на Трифун Костовски, кога беше прославата 15 години од титулата на Кометал Ѓорче Петров.
„Убави спомени имам од Скопје и од нашето пеколно „Кале“. Атмосферата за голманот е еден импулс плус за добра партија. Ѝ кажав на Индира која многу ми помагаше тука и на некој начин ми беше „учителка“ – „Јас гледам еден пехар тука. Убаво играме. Можеме уште подобро и да го земеме пехарот!“. Беше убаво да се види таа енергија и тоа големо славје. Ми рекоа „Дину, без тебе нема резултати“. Не е само без мене, туку без сите. Целата екипа е заслужна за големиот резултат“, изјави тогаш Дину.