Повозрасните љубители на ракометот сигурно се сеќаваат на симпатичната Конгоанка, која подоцна доби и македонски пасош, Алегра Верналисе Охоланга Локи. Некогашниот десен бек на Кометал Ѓорче Петров беше забележан од страна на раководството на европскиот шампион во 2003 година на Мундијалот во Македонија.
Охоланга заедно со уште една ракометарка од Конго, Дидиане Оумба, имаа одлични настапи на Светското првенство, па заедно со бразилската репрезентативка Ана Каролина Аморим, беа ангажирани најпрво во вториот тим на Кометал, Еуростандард Ѓорче Петров.
Охоланга во првата сезона во европските купови, настапи и за Еуростандард и за Кометал Ѓорче Петров. Во Македонија мина пет сезони во кои стана позната за европската јавност, откако ги полнеше мрежите на Ѓер, Динамо Волгоград, Валенсија, Крим, Хипо, Алборг и уште многу други екипи.
Во 2007 година стана и македонска репрезентативка и настапи на две големи натпреварувања, ЕП во Шведска 2006 година и СП во Франција 2007 година. По кризата, односно распадот на Кометал Ѓорче Петров во сезоната 2008/2009, Охоланга си замина од Македонија и повеќе не заигра за нашата репрезентација.
Следна дестинација беше Флери Луар, во елитната француска конкуренција, каде што помина две сезони. Потоа нејзината кариера тргна во надолна линија и до ден денеска, кога има полни 35 години, настапува(ше) во второлигашки и третолигашки клубови од Франција, а се врати и во дресот на конгоанската репрезентација.
По Флери, се пресели во Троја, а играше и за Ремс, Ле Пужин, Клермон, а оваа сезона настапува за тимот од Четвртата лига во Франција – Ајачио. На седум меча има постигнато 14 погодоци и најави дека можеби ќе замине во пензија на крајот на сезоната.