Репрезентацијата на Шведска во второто коло од главната фаза славеше победа против Исланд со пет гола разлика, 35:30, и обезбеди пласман во четвртфиналето на Мундијалот.
Скандинавското дерби изобилуваше со убави потези, голови, возбудувања и со фантастичните одбрани на Андреас Паличка, кој буквално ги откажа избраниците на Гудмундур Гудмундсон.
Сепак, под напливот на адреналин, по една од фантастичните интервенции, шведскиот голман ,,диво” нападна ракометар на Исланд.
На почетокот на вториот дел, Паличка го одбрани ударот на Елиди Видарсон. Топката се одби под телото на Исланѓанецот, кој ја искористи приликата да ја задржи топката и да спречи контранапад на домаќинот.
Потегот на Видарсон не му се допадна на Паличка, кој го “растргна” како плен ракометарот од Исланд. Веднаш по ситуацијата за која доби суспензија од две минути, искусниот голман упати извинување. Освен Паличка, исклучување доби и Видарсон.