Неуспехот на овој шампионат и необезбедувањето на место во битката за медал значеше разделба со селекторот Амброш Мартин така што немаше друг избор освен Шпанецот да го напушти кормилото.
Еден од тренерите кои се огласија по повод оваа разделба е и поранешниот селектор на Русија Евгенија Трефилов.
Мартин беше неговиот наследник, но не успеа да ги оправда очекувањата. Сите сметаа дека ќе биде далеку подобро односно дека ќе имаат медали, но откако лани Русинките освоија бронза на Мундијалот во Јапонија годинава стигнаа само до битка за 5. позиција.
Веќе е јасно дека утре ќе ги предводи досегашниот помошник на Мартин.
„Немам ништо против Мартин, но многу тренери странци кои доаѓаат во Русија, фигуративно кажано, работат од појадок до ручек. Потоа веќе не работат. Не ги знам условите од договорот на Мартин, но јасно е дека странците ги потпишуваат поинаку од Русите“, вели Трефилов за руските медиуми.
Тој смета дека биле направени премногу грешки во создавањето на тимот.
„Една од причините за неуспехот има врска и со подготовката на екипата. Категорично сум против тоа што формирањето на екипата се правеше по пат на Интернет. Па каде води ова? Мора да ги гледате ракометарките во живо, да видите комплетната форма како се одвива. Тимот практично немаше ни подготовки. Три до четири дена тренинзи не се доволни. Но, тоа е мојот став“.
Исто така Трефилов има забелешки и за тајм-аутот, односно јазикот на кој говорел.
„Кога зеде тајм-аут, мислам дека не сите девојки го разбраа што зборуваше. Коментираше на англиски, на шпански… а тренерот кој требаше да преведува главно молчеше. Исто така момент кој многу влијаеше на епилогот на овој шампионат за Русија“, коментира Евгениј Трефилов.
Како што е познато Русија утре ќе игра против Холандија во натпреварот за 5. место, кој нема никакво значење освен за меѓусебе престиж и една позиција подобар пласман на крајот од шампионатот.