По бројните реакции од скандинавските земји, особено од домаќинот Шведска и Данска, за ковид мерките кои ќе бидат активни за време на Светското првенство, се огласи и ИХФ.
Светската ракометна федерација меѓудругото вели дека пандемијата со коронавирусот се уште треба да се сфаќа сериозно и покрај тоа што мерките веќе не важат во ниедна држава.
„ИХФ беше првата интернационална федерација која направи Медицински план во 2021 година, кој потоа го преземаа многу федерации. Здравјето на играчите е најважно за ИХФ, а со почитувањето на мерките, ширењето на ковид ќе се сведе на минимум. Со правењето на ПЦР тестови пред патувањето, ќе бидеме сигурно дека нема заразени ракометари да допатуваат. Ракометот е спорт во кој има многу контакти, па со тестовите за време на СП ќе бидеме сигурни дека играчите се здрави. Нашиот тим ќе ја мониторира ситуацијата и можеби ќе се модифицира Медицинскиот план. Пандемијата се уште треба да се сфати сериозно, па затоа ве замолуваме сите да соработувате и да го одработите вашиот дел за да имаме безбедно првенство“, се вели во реакцијата на ИХФ.
Светското првенство ќе биде отворено на 11 јануари со мечот меѓу Полска и Франција, а Македонија својот прв настап ќе го има на 13 јануари на натпреварот против Норвешкка.