По хаосот и немилите сцени што беа декор на дербито меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер, денеска се огласија со соопштение од битолскиот клуб.
Во него клубот се оградува од однесувањето на дел од навивачите и со резигнираност гледа на настаните во СЦ „Јане Сандански“.
Соопштението ви го пренесуваме во целост.
„Почитувани љубители на ракометот/спортот
РК Еурофарм Пелистер се оградува од вчерашното однесување на дел од навивачите и со резигнираност гледа кон настаните кои се случуваа вчера во спортската сала Јане Сандански. За нас тоа е крајно неприфатливо, нецивилизирано однесувањето на дел од „навивачите“ и на двете екипи. Oстанува нејасно како беше возможно во салата да се внесат пиротехнички материјали и други тврди предмети и како беше возможно одредени индивидуи да влезат на терен со што беше доведен во опасност и животот на ракометарите но и на другите присутни во салата. Ние сметаме дека за такво однесување на спортските терени воопшто нема место. Според нас тоа се само мала група на индивидуи (не повеќе од 30-40 индивидуи) кои во тек на една сезона следат 4-5 натпревари (натпревари кои им се „предизвик“) и генерираат проблеми.
Тоа не се ниту вистински спортски навивачи и љубители на спортот. Тоа се индивидуи кои под дејство на алкохол или нешто друго го деградираат спортот, спортските навивачи, спортските клубови, и навивачките групи на кои „припаѓаат“. Таквите индивидуи кои ментално припаѓаат на некои времиња од минати векови воопшто нам не ни се потребни и не сакаме никаква подршка од нив, не се потребни ниту на спортот и искрено се надеваме дека и вистинските навивачи и спортски подржувачи, и двете навивачки групи исто така ќе се оградат од нив. Овие индивидуи кои спортскиот терен и објект го гледаат единствено како можност за промовирање на нецивилизациски дејанија, правење проблеми и негативно влијание на спортската игра и настан, воопшто не се потребни во спортот. Како и во другите цивилизирани земји така и кај нас крајно време е овие индивидуи да бидат идентификувани и да се донесат законски можности на истите да им се забрани присуство на спортски натпревари на подолг временски период. Во спротивно спортот, спортистите и останатите искрени спортски љубители ќе останат само заложници на дивеењето на поединци. Тоа е негативно за спортот, тоа ги одвлекува спонзорите да вложуваат во спортските екипи, тоа влијае негативно на спортистите при изборот на клуб и се разбира тоа е негативна и мошне грозна појава која не треба да ја гледаат младите генерации. Затоа сметаме и дека РК Вардар 1961 исто така јавно ќе се оградат од однесување на индивидуите кои се задскриваат зад навивачките групи и кои го негативизираат спортот, спортисктите и вистинските навивачи.
Однесување на вчерашниот натпревар на овие изолирани индивидуии и од двата табори го доведе во прашање и одвивањето на натпреварот. Можеби најисправна одлука ќе беше натпреварот да биде прекинат и да се одигра пред празни трибини. Но тогаш повторно губитници ќе беа вистинските спортски навивачи и љубители на спортот и тогаш штетниците ќе ја постигнеа максимално својата цел иако и вака ја постигнаа. Нашата екипа како што кажа тренерот беше сосема различна екипа пред и после прекинот. Со тоа воопшто не сакаме да ја негираме или да ја намалиме вредноста на победата на РК Вардар 1961, напротив, сакаме само да потенцираме дека натпреварот можеби ќе имаше друг тек, ќе беше уште поквалитетен и ќе беше вистински празник на ракометот во буквална смисла. Вака негативците ставија голема дамка на ракометниот празник и настан. Таа негативна и црна слика за брзо се прошири и надвор од нашите граници. Тоа не го заслужува нашиот спорт, тоа не го заслужува македонскиот ракомет.
Уште еднаш напоменуваме ова наше известување се однесува само за однесувањето и дивеењето на поединци кои можеби и не се дел од навивачките групи Чкембари и Комити и кои според нас и не припаѓаат таму“, се вели во соопштението.
Реванш средбата, односно вториот натпревар меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер ќе се одигра на 6 или 7 мај во Битола.