Се навестува драма во Битола: По првиот дел Еурофарм Пелистер – Вардар е нерешено!

Ракометарите на Еурофарм Пелистер и Вардар во вториот дел ќе тргнат од нула, откако по првиот дел е 11-11. Иако македонскиот шампион водеше и со три гола, сепак битолчани се вратија во игра и до паузата стигнаа до реми.

Според очекувањата на стартот се играше гол за гол. Двете екипи се менуваа во водството, но ниту една не поведе со повеќе од два гола разлика, иако имаа и напади да го сторат тоа.

Дибиров искористи еден отпадок за 6-7, а вардарци за првпат поведоа со плус два гола, 6-8 по 17 минути игра. Тоа значеше тајм-аут за домашниот стратег Жељко Бабиќ, кој не сакаше уште во раната фаза гостите да направат висока предност.

Пелистерци не го реализираа следниот напад, па Вардар казни за највисоки плус три, 6-9. Маркоски погоди за 8-10, а потоа Томовски запре зицер на домаќините. Одбиената топка дојде до пелистерци, кои преку Обрадовиќ стигнаа до минус еден, 9-10.

Секељ запре два напади на Вардар и неговите соиграчи веќе беа во напад за водство на минута и пол до крајот на полувремето. По тајм-аутот на Бабиќ, неговите играчи погрешија во нападот и Вардар тргна да го врати водството.

Капитенот Стоилов не погоди од зицер, но затоа Обрадовиќ го направи тоа на спротивната страна од голема далечина за 11-11 на пауза.