Еден од најстарите ракометни турнири во светот, Струшкиот турнир, ова лето од 16 до 20 август ќе го има јубилејното 50. издание.
Организаторот ова лето на игралиштето покрај „Женска плажа“, имаше во план да го донесе старо-новиот европски шампион, Барселона, но од каталонскиот гигант ја одбија понуда.
Струшкиот турнир ќе добие на квалитет со доаѓањето на екипите од странство – словенечкиот шампион Целје, грчкиот вицепрвак АЕК Атина и словачки Татран Прешов.
Од македонските екипи свое учество ќе имаат Вардар, Еурофарм Пелистер, Алкалоид, како и домаќинот на турнирот, Струга. Кој ќе биде осмиот учесник на традиционалниот ракометен турнир во Струга треба да биде познато во следниот период.
Покани за учество беа испратени и до Келце, Веспрем, ПИК Сегед и Загреб. Не е исклучена можноста осмиот учесник да биде уште една македонска екипа. Лани во финалето на турнирот играа Вардар и Еурофарм Пелистер, а титулата ја освоија „црвено-црните“.