Се зголеми македонската колонија во Коњалти – пристигна Елена Ѓорѓиевска (ФОТО)

Капитенот на сениорската репрезентација на Македонија, Елена Ѓорѓиевска, во новата сезона ќе настапува за турскиот суперлигаш Коњалти, клуб кој во минатата сезона го освои трофејот во Европскиот Куп.

Ѓорѓиевска во Коњалти ќе настапува заедно со Моника Јанеска и Ивана Гакидова, кои во минатата сезона беа едни од најзаслужните за историскиот успех на турскиот вицепрвак на европско тло.

Искусната ракометарка веќе пристигна во Коњалти и заедно со нејзините нови колешки го одработи првиот тренинг. Македонската репрезентативка во последните три сезони го носеше дресот на Магура од Романија.

33-годишната ракометарка потекнува од Струга, играше за Еуростандард Ѓорче Петров, Кометал Ѓорче Петров, па за Металург, пред да замине во Будуќност.

Со екипата на Будуќност во сезона 2011/12 го освои трофејот во Лигата на шампионите.

Потоа ги носеше дресовите на романските Баја Маре и Крајова, а беше дел и од унгарската Алба Фехервар и хрватската Подравка.