Динамо Букурешт следната сезона ќе добие голем конкурент во романскиот шампионат, откако најтрофејнниот тамошен клуб Стеауа прави силен ростер и сака камбек на врвот.
Нов тренер на клубот треба да биде поранешниот селектор Рареш Фортунеану, кој би се обврзал на тригодишен договор, пишува „ГСП“. Стеауа досега има 28 титули, но последната во 2008 година и сака инстант успех.
Веќе се договорени трансферите на двајца романски ракометари, Андреј Бузле и Валентин Неагу, а треба да дојдат двајца плејмејкери од Бундес лигата. Едниот е литванскиот репрезентативец Ајденас Малашинскас, кој доаѓа од Мелсунген.
Вториот е некогашниот член на Металург, Лука Мраковчиќ, кој е дел од тимот на Либек, а претходно играше за Загреб. Левото крило Милан Поповиќ, уште еден играч на Металург, кој во моментов игра во тимот од Букурешт, ќе го продолжи својот престој заедно со Србинот Крсто Милошевиќ.
Нов десен бек на Стеауа би требало да биде Никола Ивановиќ, актуелен играч на словачкиот Татран Прешов, кој претходно играше за Партизан, Ференцварош, Хапоел Ашдод, како и за Еурофарм Пелистер кога овој тим ја имаше додавката Работник.
Според „ГСП“, Стеауа преговара со уште четворица бекови – двајца од Полска, и по еден од Франција и Данска, а најголема ѕвезда би требало да биде египетскиот пивот Мохамед Мамду, на кој му завршува договорот со големиот ривал Динамо Букурешт и нема да го продолжи.
Од романскиот шампионат, се преговара со играчи од Бакау и Потаиса Турда. Актуелни договори со Стеауа имаат екс вардарецот Немања Грбовиќ, Јохансон, Георгеску, Мусави, Станеску, Сомлеа, Михалчеа…