Тимот на Еурофарм Пелистер за првпат ќе игра на завршниот турнир во регионалната СЕХА лига.
Тренерот Ларс Валтер вели дека ништо во спортот не е невозможно во спортот, и дека тоа им е мисла водилка пред дуелот со унгарскиот гигант Веспрем.
„Кога бев дете, Еурофарм Пелистер беше голем тим на Балканот и сите знаеја за него. Во последните неколку години, овој тим сака да оди ниво погоре, да се бори за титули, па мислам дека тоа беше возбудлива шанса за мене да дојдам во Битола. Возбуден сум што дојдов во Битола и мислам дека имаме многу добри шанси да бидеме подобри. Имаме десет нови играчи и нов тренер, се уште сме на стартот, има подемми и падови. На пример, водиме цел натпревар, на крајот беше реми, но го имаме Лесјак на голот, па тој ја доврши работата. Од недела во недела, сигурно се подобруваме“, вели Валтер.
Ривал на Еурофарм Пелистер ќе биде бранителот на титулата Веспрем.
„Секогаш влегуваме со желба за победа на секој дуел, но треба да бидеме реални. Утре ќе мора да одиграме добро и по мечот да можеме да се погледнеме во огледало и да кажеме – да, направивме се што можевме. Никогаш не се знае во спортот, мораме да размислуваме дека ништо не е невозможно“, заврши Валтер.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Веспрем се игра во вечерниот термин на Ф4 во Задар со почеток во 20:30 часот.