Ракометарите на Вардар доминираат во секој избор кога е во прашање СЕХА лигата. Новиот избор направен на играчи кои настапиле на завршните Ф4 турнири донесе нова доминација бидејќи од седумте дури четири играчи имаат настапувано во „црвено-црниот“ дрес и оставиле свој белег.
Арпад Штербик, Тимур Дибиров, Игор Карачиќ и Даинис Кристопанс се четворицата меѓу седумте величенствени. Од нив Дибиров е уште дел од „црвено-црните“, но не се забораваат партиите прикажани на секој од нив.
Меѓу седумте покрај четирите вардарци има и по еден играч од ППД Загреб, Веспрем и Мешков Брест.
НАЈДОБРИТЕ СЕДУМ РАКОМЕТАРИ НА Ф4 ТУРНИРИТЕ
АРПАД ШТЕРБИК (ВАРДАР) – голман
Одигра осум натпревари на Ф4 турнирите во СЕХА. На нив освои две титули со екипата на Вардар, а забележа 58 одбрани.
ТИМУР ДИБИРОВ (ВАРДАР) – лево крило
Во 2014 година дебитираше на Ф4 турнирите во СЕХА и оттогаш е редовен учесницик. Освои четири титули, одиграни 12 натпревари, а постигна 43 гола. На турнирот во Нови Сад беше и МВП на Ф4.
ЗЛАТКО ХОРВАТ (ППД ЗАГРЕБ) – десно крило
Рекордерот на СЕХА по бројот на постигнати голови одигра 17 натпревари на завршните турнири. Постигна 88 гола и со нив е рекордер и на Ф4 турнирите според бројот на погодоци. Од нив 36 беа постигнати од линијата од седум метри. Има и една титула од првиот турнир кој беше организиран во Скопје.
МОМИР ИЛИЌ (ВЕСПРЕМ) – лев бек
Легендата на ракометот во Србија е веќе пензиониран. Тој има две титули од СЕХА, а одигра шест натпревари на завршните турнири. Постигна 29 гола.
ИГОР КАРАЧИЌ (ВАРДАР) – центар
Ракометарот кој беше срцето на Вардар на сите завршни турнири. Учествуваше во освојувањето на сите пет титули на „црвено-црните“. Има 16 натпревари на завршните турнири и успеа да постигне 47 гола, но и да подели вкупно 32 асистенции.
ДАИНИС КРИСТИПАНС (ВАРДАР) – десен бек
Десниот бек кој го напушти Вардар во февруари одигра 12 натпревари на Ф4 турнирите во СЕХА, но со три екипи. Пред Вардар тој играше и за екипите на Татран Прешов и Мешков Брест. Постигна 50 гола и подели 26 асистенции.
РАСТКО СТОЈКОВИЌ (МЕШКОВ) – пивот
Искусниот пивот додека играше за Мешков Брест беше незаменлив. Двапати губеше во финалињата, а одигра девет Ф4 средби. Реализираше 56 пати.