Екипите кои треба да бидат дел од регионалното натпреварување уште немаат почнато со натпревари, а како што стојат работите тешко дека до крајот на годината ќе имаат можност да играат.
Причината е веќе добро позната односно пандемијата со коронавирусот која не дозволува да се играат натпревари според планот, па мора да се одлагаат голем број на средби и во европските купови.
Што и како ќе се случува и со СЕХА-лигата уште е тешко да се каже бидејќи нема официјални информации, но од ППД Загреб имаат нешто кое наликува на најава.
„Следејќи ја ситуацијата со коронавирусот прашање е дали посериозен ракомет ќе може и да се игра до пролет. Сè повеќе натпревари во Европа се одлагаат, а СЕХА лигата тешко дека ќе почне наскоро“, вели главниот менаџер на тимот на ППД Загреб, Божидар Јовиќ.
Стартот на СЕХА неколкупати се одлагаше односно се најавуваа различни термини, но очигледно е дека до крајот на оваа година тешко ќе може да бидат одиграни натпревари од регионалното натпреварување.