Тимот на Работнички ја оствари првата победа во новата сезона од Суперлигата, откако на домашен терен славеше над Младост Богданци со 35-32 во натпревар од 5. коло во елитното друштво.
Домашните поведоа со 3-0, а веќе по петнаесетина минути беше 10-3. Младост промаши два пенали, па избраниците на Стојан Петрушевски до паузата направија солидна залиха од плус девет, 17-8.
Во второто полувреме гостите не се предадоа и полека се враќаа во наптреварот. Искусните Роглев, Стоилов и Лупашко, помогнати од Димитров намалија на минус три, 28-25.
Десниот бек Роглев со два гола по ред намали на минус два, 33-31, на четири минути до крајот, но богданчани направија неколку грешки во нападот што беа казнети и Работнички мирно го заврши натпревар со победа, 35-32.
Најдобри стрелци кај победникот беа Стефан Крстевски со 13 и Ален Ќосевски со шест погодоци, додека во составот на Младост се истакна Никола Димитров со девет голови, а Никола Роглев даде шест.