Сефте за Петровски и Еурофарм Пелистер 2, Скопје беше лесен плен

Тимот на Еурофарм Пелистер 2 ја забележа првата победа во новата сезона од Супер лигата, откако на домашен терен славеше против Скопје со убедливи 37-22. Гостинските ракометари парираа во одреден дел од мечот, а домашните го решија победникот уште во првото полувреме и во вториот дел одиграа само рутински.

Избраниците на Михаил Петровски отворија со водство 3-0, со три гола на Трпчевски, но Скопје набрзина се врати во игра и намали на 5-4. Сепак следуваше кризен период во играта на гостите.

Три нерелаизирани напади и грешки кои беа казнети од крилата Димитровски и Белистојаноски за 8-4. Димитриоски повика тајм-аут, но следуваше нова грешка и битолчани се одлепија на 9-4.

Победата беше обезбедена кога по 12-7, следуваше серија на Еурофарм Пелистер 2 од пет гола за 17-7. До крајот на полувремето гостите се обидоа, но не намалија од негативата, 19-10.

На стартот од вториот дел Скопје врза два гола, 19-12, но не направи ништо повеќе од тоа. Битолчани не попуштија во темпото, продолжија да ја одржуваат високата предност и не дозволија никакви изненадувања.

За победничкиот тим по шест гола дадоа Трпчевски и Белистојаноски, додека пет пати стрелаше Митревски. Кај Скопје се истакнаа Митиќ со пет и Мишевски со четири погодоци.