Ракометарите на Елверум ја забележаа првата победа оваа сезона во Лигата на шампионите, откако славеа над словенечкиот првак Целје со 31-29. Домашните водеа во текот на целиот натпревар, но на крајот мораа да се потрудат да ги обезбедат првите бодови.
Домаќините тргнаа со предност од 8-4, но избраниците на Алем Тоскиќ се вратија во игра и намалија на минус еден гол, откако Цокан погоди за 10-9. Сепак Елверум се разигра во финишот и Борзаш и Грондал погодија за 17-14.
Во вториот дел Целје остана без Муховиќ, кој доби црвен картон. Норвешкиот тим водеше со плус пет, 22-17, но упорните гости успеаја да намалат преку Жабиќ на 24-23 на десетина минути до крајот.
Грондал го одржуваше Елверум во живот, домашните стигнаа до плус два, но Целје повторно се закани во последната минута, кога Мазеј стрелаше за 30-29. Лангас стави точка на мечот со голотза 31-29 и немаше повеќе време за Целје да направи нешто повеќе на овој натпревар.
Најдобар стрелец кај победничкиот тим беше Грондал со осумм гола, Хелдал даде пет, додека голманот Имсгард имаше 13 одбрани. Кај Целје се истакнаа Жабиќ со осум и Влах со седум погодоци.