Еден од дебитантите во Првата лига, екипата на Бисинов се израдува на првата победа во прволигашкото друштво, откако на свој терен успеа да слави против Јехона, со резултат 39:36, во натпревар од 11. коло од групата А.
Велешкиот тим во досегашниот тек од сезоната имаше едно реми и осум порази, додека тимот на Јехона на свое конто имаше биланс од три победи и шест порази.
Првиот дел мина доста ефикасно, беа постигнато вкупно 39 погодоци и во најголемиот дел од првите 30 минути предноста беше на страна на гостите. Откако домаќинот одржуваше минимално водство во воведниот дел, гостите од 10 минута, па сѐ до крајот на полувремето беа подобриот противник на теренот. Јехона со неколку добри серии успеваше да се одлепи, имаше 13:8 во 15 минута и продолжи со исто темпо до полувремето.
Во неколку наврати, тимот на Фари Селмани водеше со пет гола разлика, а имаше ,,плус шест” 20:14 пред финишот на првиот дел. Домашниот тим никако не можеше да фати приклучок и на полувреме замина со негатива од три гола разлика, 21:18.
Бисинов во продолжението сѐ надмина себе си, направи пресврт и ги освои планираните бодови. Велешкиот тим на стартот на второто полувреме со серија од 3:0 дојде до израмнување на резултатот 21:21 и во 35 минута направи целосен пресврт, поведе со 23:22. Следуваше период, во кој се играше гол за гол, двете екипи наизменично се менуваа во водство, но гостите во последниот период го загубија чекорот со домаќинот и не можеа да се вратат во игра.
По нерешените 29:29, домаќините врзаа четири гола во низа, се одлепија на 33:29 во 50 минута и до крајот беа во водство од четири до пет гола разлика. Во последните десет минути речиси се играше без одбрана, двата табора постигнаа по неколку брзи гола, но немаше никаква промена на резултатот.
Прво име во победничката екипа беше Мартин Иванов со 11 погодоци, девет запиша Панче Ристевски, додека во поразениот табор најефикасен беше искусниот Мојсе Тасески со 11 погодоци.