Францускиот лев бек Руди Сери е едно од новите засилувања за тимот на Еурофарм Пелистер за следната сезона.
Сери веќе гостуваше во Битола на меч од Лигата на шампионите кога играше за Бидасоа Ирун, а претходно беше дел од Селеста и Сесон Рен.
Тој има убави впечатоци од првите неколку дена во Битола.
„Одлично ми е тука. Добро сум прифатен во градот и во клубот. Градот е прекрасен, веќе гостував тука како противник и сега сум задоволен што ќе живеам во Битола. За мене ново искуство е тренер кој говори англиски и екипа која комуницира на повеќе јазици во соблекувалната. Напорно работиме, можеби малку повеќе од другите екипи, но имаме многу новајлии и по три недели работа нестрпливо ги чекаме натпреварите. Пасијата на луѓето по ракометот тука е нешто ново за мене. Еднаш гостував со Бидасоа Ирун во Битола и бев импресиониран од амбиентот во салата. Поинаков е клубот и градот од француските и шпанските, но тука сум да научам и да се привикнам на македонскиот стил“,изјави Сери.
Првиот официјален натпревар, тимот на Еурофарм Пелистер ќе го одигра на 25 август, кога во Битола ќе гостува Мешков Брест во рамките на четвртфиналниот меч од регионалната СЕХА лига.