Откако минатата недела тренерот на полскиот првак Келце, Талант Душебаев упати драматичен апел за спас на клубот, сега и претседателот Бертус Сервас го направи истото преку официјалниот сајт на клубот.
Келце на стартот на 2023 година останува без главниот спонзор, а вработените и играчите во клубот веќе неколку месеци немаат земено плата.
„Управниот одбор и вработените многу напорно работат на понатамошното опстојување на клубот на европско ниво. Не е лесно бидејќи првите средства во процесот на одржување на тимот се потребни на почетокот на новата година. Потоа ќе имаме рок до крајот на јануари да најдеме нов главен спонзор. Денеска сè уште го немаме. Неверојатно сум им благодарен на нашите навивачи, кои не само што собраа неколку илјади потписи, туку и ни даваат голема емотивна поддршка. Дури и кога сè не оди добро, благодарение на нив имаме сила да продолжиме да работиме. Многупати клубот покажа дека е одличен амбасадор на нашиот град, регион, но и Полска. Убедени сме во нашата вредност. Имаме одличен тим кој може долги години да игра за највисоките цели во Лигата на шампионите. Имаме и одличен маркетинг производ, не само на национално ниво, туку пред се во Европа. Не смееме да загубиме таков потенцијал, па се уште верувам дека ќе има разговори кои ќе ни дадат надеж за иднината“, апелира Сервас.
Келце веќе еднаш се соочи со вакви слични финансиски проблеми, но успеа да се извади од калта. Дали ќе му успее по вторпат останува да видиме.