Серафимова: Брзо се одлучив за Израел, ми требаше витамин Д

Репрезентативката на Македонија, голманката Матеја Серафимова денеска патува за Израел каде што ја продолжува својата кариера. Таа од Данска се сели во Израел со што се впушта во нов предизвик.

Една од главните причини поради кои си заминува е пандемијата со вирусот Ковид 19, а поради тоа клубот во кој досега играше, Ринкобинг веќе не е во можност да ги продолжи договорите на дел од ракометарките.

„Со мојот претходен клуб Ринкобинг имав договор на 1+1 година. Сè беше супер. Ја сум целосно задоволна од соработката и од односот на луѓето во клубот. Имаше и атмосфера на ниво, но причина за разделбата се коронавирусот и лошата финансиска ситуација во екипата. Работите не се на најдоброто ниво така што немав друг избор освен да си заминам“, вели Серафимоа за 24 Ракомет.

Таа се одлучи за Израел во потрага по нов предизвик. Се реши за клуб кој би требало во новата сезона да се бори за титулата.

„Ми требаше некој нов предизвик во кариерата, нешто ново за мене. После годината претстој во Скандинавија и играње во Данска како да ми беше потребен повеќе витамин Д. Имав неколку понуди, но не размислував премногу за заминување во Израел бидејќи понудата беше одлична. Макаби Аразим Рамат Ган е клуб кој во новата сезона влегува со сериозни амбиции. Целта е да се освои двојната круна, а ми требаше таков тим и затоа одлучив да прифатам“.

Инаку, натпреварите во Израел стартуваат доцна, па затоа доцна почнуваат и подготовките за новата сезона.

„Првенството почнува на средината од октомври. Ќе морам првата недела да ја минам во карантин, а потоа очекувам да добијам дозвола да се приклучам на подготовките и да можам да почнам со тренинзи. Подготовките стартуваат од 1 септември, па очекувам брзо да се вклопам во екипата и да влезам во потребниот ритам“, вели Серафимова, која веќе неколку години е на голот на Македонија.

Инаку, таа за Израел заминува веќе денеска, а поради правилото во оваа земја секој кој доаѓа од страна мора во карантин, првите денови ќе мора да ги мина во изолација.