Селекторот на женската сениорска репрезентација на Македонија, Љубомир Савевски ќе ги собере ракометарките и ќе одржи подготовки на крајот од овој месец со цел девојките да бидат подготвени за настап на Светското првенство доколку се укаже шанса.
Веќе е јасно дека Македонија е прва резерва така што нема дилеми дека мора да се биде во тренажен процес.
„Имаме официјално известување дека ние, Швајцарија и Турција сме резерви за настап на Светското првенство во Шпанија. Ние сме први на тој список така што дефинитивно ќе бидеме подготвени за настап. Собирот е предвиден за 22 ноември. Се надевам дека ќе имаме можност да играме бидејќи на девојките им требаат силни натпревари и учество на еден ваков турнир“, вели Савевски за 24 Ракомет.
Договорени се и контролни натпревари за време на овој собир.
„Покрај тренинзите планираме и контролни средби. Договорени се два натпревари против селекцијата на Србија така што ќе имаме можност и за проверка“, рече Савевски.
Мундијалот се одржува од 1 до 19 декември во Шпанија во местата Гранољерс, Лирија, Кастелон и Торевиха.