По поразот од Пролет во првото коло, ракометарите на Металург не успеаја да слават ниту во вториот меч, откако одиграа само нерешено на гостински терен кај Струга, 28-28, иако водеа и со пет голови разлика во неколку наврати.
Стружани отворија со водство 1-0, беше 5-4, а одржуваа реазултатска рамнотежа дваесетина минути до 9-10. Потоа следуваа неколку избрзани напади на избраниците на Наум Танески, а Металург казни набрзина и се одлепи на плус четири, 9-13. До крајот на полувремето гостите од Автокоманда ја одржаа таа преднос и на пауза се замина со 13-18.
На стартот на второто полувреме не се промени ситуацијата и односот на силите на теренот. Домашните се обидуваа да направат камбек, но водство на металурзи се движеше од три до пет погодоци.
Гостите од Автокоманда помислија дека се е готово, па се опуштија во финишот. Bо последните десетина минути по 23-27, два пати погоди Маркоски за 25-27. Голманот Јовановски кој на крај собра 15 интервенции бранеше одлични во овој период, а Јанкуловски и Ракочија стрелаа за реми, 27-27.
Хорват од пенал донесе предност за Металург, 27-28, но и Ракочија погоди од безизлезна ситуација за ново реми. Металурзи избрзаа во нападот, па имаше време за стружани да се надеваат на погодок. Тие постигнаа гол, но не беше признат поради фаул, па истече времето, Николиќ не успеа да погоди слободен удар и мечот заврши нерешено.