Екипата на Грањолерс направи историски успех на европска сцена, откако во четвртфиналето од Лига на Европа успеа да го елиминира еден од фаворитите за титулата – Фленсбург.
Тимот од Шпанија на првиот дуел беше минимално поразен со 31:30, додека денес на гостински терен, сѐ надмина себе си и убедливо го порази Фленсбург со 35:27.
Предводници во екипата на Грањолерс беа несудениот член на Бутел Скопје, Јусуф Фарук, кој постигна девет гола во мрежата на домаќинот и Антонио Гарсија Робледо. Ветеранот исто така девет пати се запиша во листата на стрелците.
Грањолерс со убедливиот триумф си обезбеди пласман на Ф4 турнирот во второто по квалитет европско натпреварување, кое годинава ќе се одржи токму во Фленсбург.
Тимот на Гепинген не дозволи да има уште едно изненадување и со две победи над Нексе (31:27, 32:23) резервира билет за Ф4 турнирот.
На завршницата од Лига на Европа ќе игра уште еден бундеслигаш – Фуксе Берлин, како и француски Монпелје.
Фуксе Берлин на реваншот го совлада Кадетен Шафхаузен со 30:24 и успеа да ја анлулира негативата од првиот дуел, на кој беше поразен со 37:33.
Монпелје минимално славеше над Спортинг, 31:30, но победата од еден гол разлика беше сосема доволна за пласман меѓу четири најдобри екипи, бидејќи првиот дуел заврши без победник, 32:32.