Екипите на Еурофарм Пелистер и Еурофарм Пелистер 2 одиграа без победник, 28:28, во натпревар од 3. коло од Суперлигата. Вториот тим на битолчани имаше и напад за победа, но составот на Еурофарм Пелистер се спаси од пораз и се избори за многу важен бод.
Во првиот дел и двете екипи имаа свои моменти, а натпреварот го отворија поискусните ракометари од Еурофарм Пелистер со водство од 2:0. Младиот состав на Александар Јовиќ беше повеќе од рамноправен противник во првите 30 минути, покажувајќи ги своите квалитети против „поголемиот“ брат. Еурофарм Пелистер 2 успеа да се одлепи на плус два гола разлика, 4:2, потоа дојде и до плус три, 6:3, но ,,гостите” со серија од 3:0 го израмнија резултатот на 6:6 во 10 минута.
Следуваше период, во кој избраниците на Ларс Валтер имаа пад во играта, па така составот на Еурофарм Пелистер 2 предводен од Ивановски и Блажевски во неколку наврати ја контролираше ситуацијата на терен. По тајм-аутот на Валтер, неговите избраници заиграа поангажирано во дуелот и по нерешениот резултат од 9:9 дојдоа до водство од 11:9. Сепак, помладите пелистерци не се предаваа многу лесно и со одлична серија од 4:0 повторно ја презедоа предноста победувајќи со 13:11. По 30 минути игра резултатот беше 14:12 за помладиот тим.
Еурофарм Пелистер 2 за неколку минути игра во вториот дел успеа да ја врати предноста од три гола разлика и поведе со 18:15. Составот на Еурофарм Пелистер во 40 минута со погодоците на Ојлески, Радовиќ и Суси изедначи на 18:18. Иако првиот тим успеа во еден период да воспостави резултатска контрола, Еурофарм Пелстер 2 со расположениот Мартин Јовановски и со добрите организирани напади од 21:21 дојде до 23:21 на речиси 12-тина минути пред крајот.
Како што одминуваше времето, така екипата на Еурофарм Пелистер 2 беше блиску до победа. Составот на Александар Јовиќ во последните десет минути влезе со предност од 24:22. Неизвесноста и борбата за секоја топка траеше до самиот крај. Во следните минути немаше промена на резултатот и екипата на Еурофарм Пелистер 2 во 55 водеше со 27:25.
Веќе тука беше јасно дека првиот тим ќе треба да даде 100% од силите за да дојде до евентуален пресврт, но Ивановски со својот 6-ти гол на минута пред крајот беше ефикасен за 28:26. Еурофарм Пелистер во последната минута со погодоците на Радовиќ и Василев изедначи на 28:28 и не дозволи комплетна сензација.
Најефикасен во екипата на Еурофарм Пелистер 2 беше Петар Атанасијевиќ со седум погодоци. Одлична партија имаа и Мартин Ивановски со шест погодоци и Павле Петровиќ со пет гола. Кај Еурофарм Пелистер прв стрелец беше капитенот Мирко Радовиќ со девет гола.