Довчерашниот селектор на женската кадетска репрезентација на Шведска, Портус Вард Винклунд, кој требаше да ги предводи кадетките на Светското првенство во Македонија и кој беше уапсен на аеродромот Каструп во Копенхаген, откако се пошегувал дека носи бомба во својот багаж, даде краток коментар за неговата постапка, која што го чинеше со отказ од репрезентацијата на Шведска.
Винклунд во изјава за клупската страна на Онередс, клуб во која ја извршува тренерската функција, истакна дека е подготвен да прифати казна од неговиот клуб и дека е свесен за непријатната сцена, која ја направил на аеродромот Каструп во Копенхаген.
„Јас за кратко време целосно се изгубив и се пошегував како што не треба, особено на вакво големо место. Сакам да им се извинам на мојот национален тим, федерацијата, персоналот на аеродромот и другите луѓе погодени од оваа ситуација. Свесен сум за сериозноста и идиотизмот на мојата постапка на аеродромот во Копенхаген. Подготвен сум да прифатам евентуална казна, да учам од оваа грешка и да продолжам понатаму во животот”, изјави Винклунд.
Пред стартот на Светското првенство за кадетки во Македонија, кое официјално започна вчера, Портус Вард Винклунд на пат за Македонија беше уапсен на аеродромот во Копенхаген и поради тоа неговите избранички во Скопје допатуваа без селектор. Сепак, ракометната федерација на Шведска експресно реагираше и како привремено решение на селекторската функција го назначи селекторот на сениорките, Томас Акснер, но исто така реши да го суспендира Винклунд, осудувајќи го неговото однесување.
Репрезентацијата на Шведска денес ќе го одиграат вториот натпревар на кадетскиот Мундијал. Швеѓанките во првото коло беа поразени од Исланд, со резултат 17:22, а денешен ривал на Шведска ќе биде репрезентацијата на Црна Гора, која во првото коло го декласираше Алжир со 38:16.