Селекторот на Данска мора на операција поради повреда стара 20 години

Стратегот на репрезентацијата на Данска, Николај Јакобсен наскоро ќе мора на операција, а причината е во проблемите со коленото кое го повредил пред 20 години. Тој тогаш имал хируршка интервенција, а лекарите му кажале дека повеќе нема да има проблеми, но ќе мора на нова операција.

Левото колено на Јакобсен му прави големи проблеми во секојдневниот живот и затоа решил да го замени со протеза. Првичниот план му бил тоа да го направи после Олимписките игри, но ќе мора да го стори што поскоро.

„Ја влечам повредата подолго со надеж дека ќе се подобри после операцијата на есен кога го исчистив коленото. На почетокот беше добро, но веќе не можам да го свиткам. Не можам да одам десет минути без болки. Во 2001 година после операциајта ми рекоа дека ќе немам проблеми до крајот на животот. После операциајта веројатно нема да трчам маратон, но сакам да одам на прошетка, да играм голф со пријателите или можеби тенис еднаш неделно, тоа ќе биде доволно“, коментираше Јакобсен за данските медиуми.

Данскиот стратег го повреди коленото во 2001 година додека играше за Кил кога при контра се судри со противничкиот голман. Јакобсен клучниот преглед за операцијата ќе го има во среда кога ќе бидат познати деталите. Данска ќе гостува во Скопје в четврток и Јакобсен ќе го предводи тимот, но за следниот квалификациски циклус останува неизвесно што и како ќе се случува.