Тимот на Јуниор Кисела Вода со бод на гостински терен кај Радовиш ја стартуваше новата сезона во која направи камбек во суперлигашката конкуренција. На тој меч свое деби имаа и шесте нови засилувања во составот на тренерот Игор Котевски, меѓу кои и двајцата српски интернационалци – Никола Матовиќ и Никола Митровиќ.
Матовиќ настапува на левата бековска позиција, има 27 години и доаѓа од српскиот тим Дубочица Лесковац, каде што беше меѓу најдобрите стрелци минатата сезона.
Митровиќ е десен бек, има 29 години и големо меѓународно искуство. Во Србија беше дел од Црвена Ѕвезда, Партизан и Војводина, играше за грчките Драма и Диомидис Аргус.
Беше дел од либанскиот Ал Насер, катарскиот Ал Шамал и Ал Калеј Дамам од Саудиска Арабија, а има и либанско држвјанство и игра за националниот тим на Либан.
Од домашните играчи, тимот на Јуниор Кисела Вода се засили со голманите Димитар Бардакоски од Металург РА и Дино Трајчевски од Бутел Скопје, а дојдоа и левото крило Филип Фидановски од Металург РА и левиот бек Иван Андревски од Бутел Скопје.
Јуниор КВ е дел од групата Б во Суперлигата со Еурофарм Пелистер, Еурофарм Пелистер 2, Тиквеш, Скопје, Пролет, Радовиш и Голден Арт. Во следното коло избраниците на Игор Котевски ќе играат на гостински терен против Скопје претстојниот викенд.