„Белата прашкаста материја“ во спортот е многу поопасна од белите транспаренти на трибините
1.Чиста ли е „куќата ракометна“?
За православните верници денеска е „чист понеделник“, оној што доаѓа по „белата седмица“. Додуша, и во македонскиот ракомет се погоди ова да биде некако „бела недела“, ама со малку подруго и многу понеубаво значење од она верското.
А, дали понеделник ќе биде „за генералка“, е тоа, допрва ќе видиме.
Како национална спортска федерација, и тоа не било која туку најуспешната во Македонија, РФМ има морална обврска да одговори на јавноста дали лицето А.В. (31) кое според билтенот на МВР на 24 февруари 2023 година „полициските службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје, го лишиле од слобода, затоа што кај него била пронајдена и одземена бела прашкаста материја“ е истото лице што е вработено/ангажирано во РФМ на висока извршна функција. И освен тоа има значајна улога во македонскиот ракомет како претседател на Натпреварувачка комисија во РФМ, член на Комисијата за лиценцирање, член на Комисијата на РФМ „за спортските ваучери“ (четирите нови членови ги има, но точното име на оваа Комисија никогаш не го најдов, па затоа најчесто е само „Комисијата“ или Комисијата за ваучерите во слободна верзија). И во случај да е грешка и случајна коинциденција, РФМ пак би требало да одговори и да го демантира „скандалот“, но и да го тргне сомнежот од јавноста и да покаже дека „куќата на ракометот“ е „чиста“.
Но, наместо тоа, имаме три дена молк. А, новинарски, кога на некое прашање нема „не“, молкот по логика значи „да“. И само уште повеќе го товари проблемот.
А, не дека не прашавме за да биде чисто и јасно. Прашавме и конкретно и официјално, но одговор за случајот со „белата прашкаста материја“ и за евентуалните мерки, не добивме. Иако, неофицијално, викендов веќе имало забрзани „вонредни активности“. Но, за тоа официјално, треба да си кажат надлежните, нели!
2.Дисциплина според Дисциплинскиот
Почитување на првилата и спроведување на дисциплина во и околу спортот беше една од главните одредници на оваа раководна структура кога дојде на чело на РФМ пред десет години. Добро го паметам она августовско Собрание на РФМ во 2013 во Струга, прво на тогаш новото раководство. И уште го чувам хартиениот примерок на тогаш новиот „револуционерен“ Дисциплински правилник на Ракометната федерација на Македонија кој требаше да стави „ред во безредието“ и да го штити македонскиот ракомет од самоволија, престапи, истапи и разно-разни други негативни појави.
И, претпоставувам, десет години подоцна и ќе беше така како што се очекуваше, ако „Дисциплинскиот“ не останеше во некои прашања недоречен, селективно применлив и по потреба занемарлив.
„Целта на дисциплинските санкции е сите членови на РФМ да ги почитуваат општите акти и да ги одврати од извршувањето на дисциплински прекршувања“, вели Член 6 од Дисциплинскиот правилник на РФМ.
Оној познат и многу цитиран во случајот „Суспензија за Марјан Начевски“, Член 21 од Дисциплинскиот правилник на РФМ, пак вели: „Исклучување од Ракометна федерација може да се изрече само за најтешки престапи и ако настанале особено тешки последици па така останувањето на сторителот во Ракометната федерација штети на угледот на ракометната федерација и ракометниот спорт“
Дали „лице лишено од слобода“ и „бела прашката материја“ штети на угледот на ракометната федерација и ракометниот спорт?
Ако во меѓувреме не се докаже дека лицето А.В. всушност не е лицето од РФМ со истите иницијали или дека „белата прашкаста материја“ всушност бил само обичен шеќер во прав, тогаш штети и треба да се санкционира.
Ако пак се докаже дека е истото лице од полицискиот билтен, тогаш според Дисциплинскиот правилник на РФМ, тоа е одговорно лице и сноси одговорност:
„Одговорно лице, во смисла на овој правилник, се смета лице на кое во правниот субјект му се доверени одредени работи кои се однесуваат на работење, управување, како и лице кое во РФМ, работните тела на РФМ, стручните здруженија и заедници во рамките на РФМ врши одредени должности“ (Член 50)
„Фактот дека престапот е сторен под дејство на алкохол, други психотропни супстанци или други забранети средства не ја исклучува одговорноста на сторителот“ – така пишува во Член 40
За шеќер во прав не пишува ништо…
3.Што е поштетно „белиот шеќер“ или „белите транспаренти“?!
Освен со Дисциплинскиот правилник, дисциплината во ракометот и заштитата на угледот и на честа, осум години подоцна наменски беше „појачана“ и со „Кодекс за однесување на службени лица на Ракометната федерација на Македонија“ донесен од УО на РФМ на 4 јуни 2021.
Според Кодексот:
„Службените лица не смеат да се занимаваат со активности кои на било кој начин го рушат интегритетот и угледот во било кој сегмент од ракометниот спорт“ (Член 2)
„Службените лица имаат обврска да водат сметка за својот кредибилитет и да не се однесуваат како независни поединци, туку како припадници на ракометната организација на која припаѓаат и која ја претставуваат, и се во функција на унапредување на ракометниот спорт“ (Член 3)
Кодексот има повеќе етички карактер, но за кршење на одредбите на Кодексот следуваат казни според одредбите на Дисциплинскиот правилник на РФМ:
„Службените лица за кршење на одредбите на овој Кодекс може да бидат казнети со одлука од Дисциплинска комисија или избришани од листа на службени лица, а согласно одредбите од Дисциплинскиот правилник на РФМ“ (Член 24)
Но, има тука еден „дупка“ поради наменскиот карактер на „Кодексот за однесување на Ракометната федерација на Македонија“ бидејќи одредбите на овој Кодекс, според Член 27 „важат за сите службени лица (судии, записничари, мерачи на време, делегати, контролори)“. Службените лица во РФМ ги нема во заградата, па по некое слободно толкување, тоа би можело да значи дека за нив не важат одредбите од Кодексот. Или, сепак, важат? Зависи како се толкува и како ќе го протолкува Управниот одбор на РФМ кој е надлежен за тоа.
Инаку, за решавање на „случајот“ има и други надлежности по вертикала.
Па така, на пример, меѓу другото, надлежност на претседателот на РФМ, според Статутот е и „да раководи со РФМ и врши контрола на доследната примена на Статутот и актите на Собранието и Управниот одбор и во врска со тоа предлага и превзема соодветни мерки во согласност со актите на РФМ“ (Член 30 од Статутот на РФМ)
Надлежност во случајот за лицето со „белата прашкаста материја“ ако не е шеќер во прав, се разбира, и ако лицето од полицискиот билтен е истото лице што го именувал на извршна функција, има и генералниот секретар на националната спортска федерација како прв оперативец бидејќи по Статут:
„Генералниот секретар е раководител на администрацијата на РФМ и во врска со правата и обврските на работниците во администрацијата ги врши правата и должностите на работодавач“ ( Член 63 од Статутот на РФМ).
Ако веќе се брани „честа и угледот“ на ракометот, тогаш нека се брани и од вакви „случаи“. Впрочем, „белата прашкаста материја“ во спортот е многу поопасна од белите транспаренти на трибините.
И многу повеќе го руши угледот, ако веќе сакате да знаете.